January 19, 2015

Македонско востание

По Берлинскиот конгрес, Турција се воздржувала во Македонија да ги спроведе реформите со кои ја обврзувал член 23 од Берлинскиот договор, односно да го донесе т.н. Органски устав за Македонија, со кој оваа османлиска провинција би се здобила со одредена автономност. Покрај се поголемото влошување на економската состојба и се поголемиот терор врз македонското население, недонесувањето на овој устав било една од причините за подигање на Македонското (Кресненско) востание од 1878 год. Дека нереализирањето на заклучоците на Берлинскиот конгрес, поточно, индиферентноста на големите сили кон македонското прашање, била една од причините за подигање на востанието, се гледа и од своевидната преамбула на Правилата на македонскиот востанички комитет , во која се вели: „Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земја Македонија, поради причини за егоистички цели од страна на големите сили, с е оставена пак на Турција по Берлинскиот конгрес. Во резултат на тоа, во одделни области на нашата татковина дојде до многу крвави сцени познати на секого. Во желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош.“ Како што се гледа, незадоволството од Берлинскиот конгрес се движи, пред се, во насока на незадоволство од нереализирањето на неговите договорени заклучоци, а не во насока на реставрација на Санстефанскиот договор, како што со сета сила се обидуваат да докажат „историчарите“ во соседна Бугарија. Впрочем, „востаниците не само што комплетно го одбија туторството на бугарската буржоазија, преку својот ‘Благотворителен комитет’ да раководи со него (се мисли на востанието - з.м.), туку се погрижија политички и организационо да ги дефинираат сите оние атрибути што ја прават комплетноста на еден национален субјект.“ На крајот, да се повикаме на самите востаници. Во член 2 од Правилата на Македонскиот востанички комитет стои дека „во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија, кои се чувствуваат Македонци и ја сакаат слободата на својата татковина.“ Востаничкиот комитет се погрижил да ја одржи самобитноста на востанието и да го зачува од надворешните влијанија и „истакнувајќи го своето право на претставување на легитимните интереси на македонскиот народ“, преку негирањето „на правото на Кнежевството Бугарија (а особено на неговите агентури: на Бугарската егзархија и на т.н. Централен комитет ‘Единство’) да презема какви и да било дејства во името на востаниците или да се ангажираат во самото востание.“ Во таа насока, во членот 205 од Правилата, децидно стои дека „Македонскиот востанички комитет со донесувањето на овие Правила, односно со овој Устав, озаконува за понатаму дека Софискиот централен комитет повеќе нема никакви обврски спрема Македонското востание“, што нужно повлекува во член 206 да се запише: „Сите наредби на Софискиот централен комитет се отповикуваат, а востанието ќе се раководи од Македонскиот востанички комитет, кој се наоѓа во Македонија.“ Помошта од сите кои сакаат да ја дадат се прифаќа, но, во член 4, јасно е определен начинот на нејзиното пружање. Таму стои дека „сите доброжелатели на Македонците од соседните и подалечните земји можат да учествуваат во Македонското востание, ако му се покоруваат на Македонскиот востанички комитет и искрено се залагаат за ослободувањето на Македонија.“ Односите со Кнежевството Бугарија и со Егзархијата Македонскиот востанички комитет ги дефинира во членовите 200, 202 и 203. Востаниците сметаат дека „светата Бугарска егзархија, на чело со Неговото Блаженство, води политика повеќе од чудна, бидејќи под преттекст дека се грижи за Македонците, ... одржува тесни врски со турската влада во Цариград и има големо пријателство со неа...“ Натаму, во член 202 стои дека „Македонскиот востанички комитет ќе испрати еден депутат до Неговото Блаженство Егзархот Јосиф и во Цариград да го замоли да не му прави пречки на Македонското востание, ако не сака да го броиме во редот на предавниците.“ И, конечно, во член 203 востаниците се дистанцираат од софискиот митрополит Мелетиј кому „од страна на бугарските владејачки кругови му била доверена улогата да се меша и да раководи со Политичкиот комитет на востанието, за да го канализира како бугарско востание за присоединување на Македонија кон Бугарија“ : „Ќе се замоли и Неговото Високопреосвештенство Г. Софиски Мелетиј, кој во улога на помагач на нашето Македонско востание не малку штети му нанесе на делото, да се откаже од своите преднамери и, бидејќи не помага, да не му штети на востанието.“ Очигледна е желбата и стремежот на Комитетот да се огради од бугарските експанзионистички намери и да диференцира кој, навистина, сака да „му помогне на делото“, со што отпаѓа и секаква потреба на ова место да се дискутира за профилот и карактерот на Востанието и на оние кои го подигнале и кои учествувале во него.

Македонското востание од 1878 година е значајно не само по тоа што претставува најмасовно манифестирање на народниот револт во втората половина на 19. век, туку и поради фактот (од сегашен аспект можеби позначаен) дека востаниците не го зеле просто оружјето в рака, туку настапиле со изграден кодекс, законик („Правила на Македонскиот востанички комитет“), кој, тоа слободно може да се рече, според својата функција, не бил многу далеку од уставното регулирање на законите. Востаниците Правилата, како што се гледа од член 208, ги сметале за воен устав: „Македонскиот востанички комитет озаконува сите Македонци да ги исполнуваат наредбите на овие Правила-устав без поговор до ослободувањето на Македонија и до донесувањето на мирновременски устав на автономна Македонија.“ Овој кодекс на Востаничкиот комитет, „не само што ја надминува автономијата како политички облик на новата државна положба на Македонија, предвидена во чл. 23 од Берлинскиот договор, туку и отвора процес за демократизација на земјата, внесувајќи во идното државно устројство на Македонија такви институции кои можат да се сретнат во најнапредните земји со изразито демократско устројство.“ Ова е исклучително битен момент во историјата на развитокот на македонската државност, кој претставува пресвртница во пристапот кон борбата за ослободување на Македонија. Додека, на пример, Разловечкото востание било израз на патриотизмот на одредени луѓе, организирано речиси во семеен круг, без конкретна политичка, стратегиска или тактичка определеност, Правилата на Македонскиот востанички комитет, донесени и применувани за време на Македонското востание, покажуваат дека бунтот бил обмислена, комплексна акција со конкретна цел, цел која била јасно формулирана - создавање македонска држава. Освен оружјето, главен инструмент во остварувањето на таа задача бил, имено, Правилникот на македонските востаници.

Во своите Правила, македонските востаници „го развиваат државно-правниот концепт на идната македонска држава, и со најголема прецизност ги утврдуваат нејзините нужни атрибути.“ Натаму, во Правилата се утврдени и „идејните основи во дефинирањето на заедништвото на македонскиот народ со другите народности и етнички групи во Македонија.“ И, на крајот, разгледувајќи ја структурата на Правилата, можат да се одделат и „социјални елементи, со инсистирање на аграрната реформа во полза на оние кои ја обработуваат земјата, односно на оние кои немаат никакво земјиште или пак имаат во незначителни површини.“ На тој начин, Правилата ги определуваат трите атрибути, мошне битни за формирање на државата: државно-правниот концепт, меѓунационалните односи и социјалната политика, со што, тие „претставувале законодавен акт за време на Востанието со кој привремено се регулирал целокупниот социо-економски и општествено-политички живот на населението на ослободената територија.“ Поинаку речено, Правилата на Македонскиот востанички комитет, на практичен план, ги добиваат сите карактеристики на привремен устав, дотолку повеќе што, според востаниците, нивната јурисдикција се простирала на целокупната територија на Македонија, а не само на областите што биле зафатени со Востанието. Токму затоа, во првиот член на Правилата се вели: „Востанието во Македонија, кое сега е уште локално, треба да се прошири низ цела Македонија.“ И понатаму, во член 9: „Целта на Македонското востание не е никаква тајна. Таа е ослободување на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго. Затоа, секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка - за него нема место во востанието.“

Дефинирајќи ја македонската државност, Македонскиот востанички комитет внимание с посветува и на надворешнополитичката активност, пред се на комуникацијата со соседите и со руската империја, како највлијателна и најмоќна православна заеднициа. Така, во член 188 се моли „Неговото Императорско Величество Царот Ослободител од Русија, како татко и на Македонците, да посредува пред другите дворови да се измени таа лоша положба на македонскиот народ.“ Членот 186 го определува односот со Кнежевството Бугарија, потцртувајќи дека „Македонците не ќе имаат друго мешање со Кнежевството, освен братска помош...“ Исто така, „Македонскиот востанички комитет ќе ја запознае и братската земја Кнежевството Србија со целите на нашето востание, барајќи братска помош за ослободување на Македонија.“ (чл. 191). Интересно е дека терминот братска, што се јавува кога станува збор за Србија и Бугарија, во член 195, каде што се бара помош од Грција, е изоставен: „Македонскиот востанички комитет ќе ја помоли грчката влада да го помогне Македонското востание и да дозволи испраќање македонски доброволечки чети од Грција.“ Членовите 197 и 198 зборуваат за односите со Албанците. Во нив се повикуваат „албанските бајрактари и народни водачи кои ја сакаат слободата на својата татковина, да се придружат кон Македонското востание за нивна и наша слобода... За жал, некои албански главатари повеќе ја сакаат муслиманската вера од својата татковина и се на страната на Турците, па вршат зулуми во Македонија. Нив Македонското востание ќе ги смета за душмани како и турските пашалари, к'ргари и сердари, ќе ги гони и убива.“ Правилата определуваат и кој смее да го претставува востанието надвор од границите на Македонија: „Востанието пред европските држави ќе го претставува Македонскиот востанички комитет и луѓе што тој ќе ги определи надвор од Македонија.“

Во Правилата се дефинираат и општествено-економските односи на ослободената територија. Освен веќе спомнатата аграрна реформа, Правилата на македонските востаници, определувајќи го идниот економски систем како капиталистички, „ја гарантирале приватната сопственост на земјата и на имотот и ја санкционирале економската диференцијација на селото, која веќе ја зафатила Македонија со навлегувањето на капитализмот.“ Така, во член 149 е гарантирано правото на сопственост: „Никој не смее да посегне на туѓ имот, освен ако сопственикот на имотот го напуштил без причина или е осуден на конфискација.“ Меѓутоа, во следниот член се гледа јасната определеност „против феудализмот (чифликсајбиството) и застапување за приватната сопственост заснована врз личен труд“:

“Секој сопственик ќе ја обработува земјата слободно со семејна работна сила, без право да држи повеќе од еден момок.“ Правото на сопственост важи и за востаничката војска. Во член 48 се вели: „Кога наша, македонска востаничка војска во бој ќе ослободи некое село или град, не смее да врши ограбување на населението, макар тоа било и турско. Секој востаник ќе си носи храна во торбата и додека не пристигне до комората, ако нема што да јаде, ќе трпи.“

Во рамките на економските правила се санкционира и лихварството. Членот 161, кој го забранува лихварството и дури го казнува со смрт, сепак, не го негира нормалното банкарско работење: „Секој што ќе дава стока на вересија или пак дава пари под лихва, а бара поради тоа повисока цена за стоката или надвор од вообичаената лихва, ќе се казни со најстрогата казна - смрт.“

Во Правилата на македонските востаници посебно место им е дадено на граѓанската, националната и верската еднаквост и слобода. Еднаквоста на граѓанинот се огледа уште на почетокот, кога во член 3 се вели дека „во востанието можат да учествуваат и сите македонски жители, без разлика на вера и народност, доволно е да ја сакаат слободата.“ Натаму, се забранувало бесчестење на верска установа (црква или џамија), што се казнувало со смрт (чл. 162 и 163). Биле почитувани обичајните права и на муслиманите и на православните (чл. 164 и 165), а било дозволено и менување на верата, со рок од 15 дена, „бидејќи може да се покае“ (чл. 167). Од разбирливи причини, со оглед на лошото искуство кога Македонките биле грабани од Турците и присилувани на брак, било забрането стапувањето во брак меѓу муслумани и православни.

Правилата предвидуваат „во востаничките ослободени места да се воведе привремена граѓанска управа, која ќе го управува општествениот живот на населението, а ќе се состои од највидните луѓе избрани од народот“, што е уште еден битен момент во натамошното профилирање на државно-правната структура што ја предлага Комитетот. На структурирањето на власта на ослободените територии во Правилата му е посветен делот „Граѓанска управа“, кој со својата обемност јасно говори за свесната цел да се удрат темелите на македонската држава. Според Правилата, „на чело на граѓанската управа ќе стои едно централно политичко тело - Централен комитет од петмина членови“, додека „во секое населено место ќе има месни комитети, кои се состојат од петмина членови и кои ќе бидат зависни од Централниот комитет.“ (чл. 141, 142). Централниот комитет, по ослободувањето, требало да „подготви устав за уредување на македонската држава како автономна, со политичка и културна автономија во Отоманската империја или надвор од неа, ако тоа го дозволат европските велики сили.“ Овој, 145 член, јасно ги дефинира стремежите на востаниците Македонија да се оформи како независна држава, или, во најмала рака, како автономна област во рамките на Турција.

Правилата на македонските востаници, како што рековме, се од огромно значење за историјата на македонската државност, поради присуството на јасниот државнополитички концепт за формирање македонска држава. Меѓутоа, уште една мошне битна компонента во изградувањето на македонската државност е застапена во Правилата - националната програма која „претставува основен политички документ, во кој меѓусебно се дополнуваат и заемно се поврзуваат македонската национална ослободителна мисла и мислата за создавање македонска држава. Тоа едно од друго не се издвојува туку, напротив, едното го предизвикува другото и со тоа се создаваат реални основи за зацврстување на македонската национална свест и се внесуваат нови сознанија во македонското национално битие.“

Анализирајќи ја државно-правната идеја на македонските востаници преку Правилата на Македонскиот востанички комитет, проф. д-р Александар Христов определува три поставки кои го карактеризираат развојот на оваа идеја во овој период. Според него, прва од тие поставки е дека „во политичкиот документ се тргнува од категоричното стојалиште дека македонската индивидуалност мора да се прифати од сите како една исклучителна реалност. Поради тоа, востаниците не прават никаков компромис ни со една влада, на која с е туѓа оваа идејна поставка.“ Ваквиот став е придружен и со „низа белези во процесот на кристализација на македонската нација.“ Во таква ситуација, „се внесуваат нови елементи во формата на државата, која се бара и која се истакнува како визија на ослободена земја. Во таа смисла, истакнатата идеја за заедништво на сите народности што ја населуваат Македонија има особено значење и општествено-политичка содржина.“

Не помало значење има и втората поставка што ја нуди д-р Христов, а која гласи дека Правилата даваат можност да се следи „континуитетот на националниот развиток и на националноослободителната идеја во наредните етапи од борбите за национално ослободување на Македонија.“ Идејните основи на Правилата „ќе имаат особено влијание и значење во развојот на политичката мисла во периодот на националноослободителните борби од крајот на 19. и првата деценија на 20. век. Вградувањето во битието на македонската нација слободарски и демократски идеи за заедништвото и за отстранување на општествено-политичките спротивности, предизвикани со експанзионистичката и освојувачка политика на соседните држави, особено на Бугарија, и дава посебна вредност на македонската револуционерна мисла од овој период.“

Во натамошното разгледување на овој период не треба да се заборави ни улогата на македонската интелигенција која „макар и малубројна, со своите идејни погледи, внесува нов дух за радикално менување на општествените односи во барањето и изнаоѓањето патишта за остварување на целите на македонската нација.-.Во одбележувањето на националните цели и задачи, младата граѓанска интелигенција е радикална во одредувањето на облиците на борбата против туѓинската власт, а и против секој обид на туѓа доминација во националното движење на македон-скиот народ.“

Нападот врз турскиот гарнизон во селото Кресна, во зората на 5 (17) октомври 1878 година, го означил почетокот на Македонското востание.

Веднаш по успешно завршената акција, кога 119 војници и два офицера им се предале на востанатите селани, за водач бил избран рускиот атаман Адам Калмиков, а за началник на Штабот на Востанието бил избран Димитар Поп Георгиев Беровски. Подоцнежните настани покажуваат дека изборот на Калмиков бил грешка, со оглед на тоа што тој бил претставник на бугарскиот комитет „Единство“ и, заедно со Луј Војткевич, исто така претставник на „Единство“, се стремеле „акциите на брза рака да ги шират и во другите области на Македонија, со цел да се дига поголема врева што би предизвикала ефект кај надворешниот свет, така што да можат на овој начин да ја натераат европската дипломатија да интервенира за враќањето на Македонија во рамките на Санстефанска Бугарија.“ Сепак, под прнтисок на „Единство“, востанието се проширило и на Разлошката Котлина. Со недоволно војска, по првичните успеси, востаниците морале да се повлечат „и да го остават македонското население на милост и немилост на турските аскери и башибозуци, кои почнале да ги палат и ограбуваат селата од овој крај.“ Уште еднаш, „братската помош“ од Бугарија го покажала своето лице. Инсистирањето на предвремено ширење на востанието довело до конфликти меѓу водачите, поточно меѓу претставниците на „Единство“ и македонските војводи, на чело со Димитар Поп Георгиев Беровски, кои сметале дека „организационо-административното уредување и зацврстувањето на ослободените територии е примарно, а снабдувањето со оружје и муниција и пополнувањето на востаничките редови со нови, пресни сили од ослободените територии е неопходен услов за секакво понатамошно ширење на акциите врз другите македонски територии.“ Незадоволството од плеткањето на бугарскиот комитет „Единство“ во внатрешните работи на Македонија и востанието го изразува Димитар Поп Георгиев Беровски во писмото упатено до претседателот на „Единство“, Босилков, во кое се вели: „Надежта што ја имавме гледаме дека се губи. Според тоа, гледаме дека вие само си играте со нас... Вашата должност е, мислам, да ни помагате со средства, а од војничка страна, вие треба да сте просто гледачи ... Работата, господа, е дека не ни испраќате редовно и навреме пушки и куршуми ... За Разлог не е време да мислите за востание...“ Забележувајќи ја двојната игра на „Единство“, Димитар Беровски и војводата Стојан Карастоилов, од раководството на востанието ги отстраниле Калмиков и Војткевич. Стремежот на Поп Георгиев и Карастоилов да го зачуваат самобитниот и македонски карактер на востанието го принудил Комитетот „Единство“ да го убие Карастоилов и да го елиминира Беровски од раководните места, со што бил предизвикан револт кај востаниците, кои почнале да ја напуштаат востаничката војска. Бугарските претставници, плашејќи се и од Турците кои засилено настапувале, но и од одмаздата на востаниците, заминале за Бугарија. Ова е крај на првиот период на Македонското востание.

„Втората фаза на востанието ја карактеризираат надмоќното влијание на надворешните фактори и, во врска со тоа, ориентацијата и усогласувањето со тенденциите и замислите на бугарската буржоазија и нејзината надворешна политика, заснована врз протести против решенијата на Берлинскиот конгрес и врз барањата да се изврши негова ревизија.“ Во понатамошниот тек на востанието, дисциплината опаднала, продолжила неиспораката на ветеното оружје од Бугарија, снабденоста на востаниците се влошила, Турците го засилиле своето настапување... Сето тоа предизвикало, на 6 јуни 1879 да се издаде наредбата за растурање на четите, со што е означен крајотна Македонското востание.

Освен јаките турски сили што беа ангажирани во задушувањето на востанието, Македонското востание не успеа и поради „тоа што надворешните сили во востанието гледаа опасност за остварувањето на своите цели и дека со него го губат своето влијание над ситуацијата и настаните во Македонија. Востанието требаше да ги спречи и конечно да ги разбие надворешните аспирации на Бугарија кон Македонија.“ Освен тоа, востанието не било доволно снабдено, во неговото раководство се инфилтрирале бугарски претставници, што предизвикало несогласувања и противречни акции.

Сублимирајќи ги причините за неуспехот на Македонското востание, може да се заклучи дека тие „се кријат во неповолната надворешнополитичка ситуација, во немањето единствено раководство, во недоволната материјално техничка подготовка, како и во грубото мешање на надворешните фактори, кои се обиделе да го исползуваат за свои политички цели.“

Сепак, Македонското востание во историјата на борбата на Македонецот за своја држава остави непроценлив документ - Правилата на македонските востаници, кои „ја разработуваат државно-правната концепција, врз која Македонија треба да се конституира како самостојна држава. Во овој концепт се дадени и основите за независноста на ослободителната борба, за рамноправноста на народностите, за воведувањето општинска самоуправа и народно судство, за гарантирањето на народниот суверенитет, за општествената самозаштита и за аграрната реформа“, што претставува солидна основа за натамошното изградување на македонската државно-правна идеја.

Правилата на Македонскиот востанички комитет, или како што некои истражувачи ги нарекуваат, Уставот на Македонскиот востанички комитет, „претставувал востанички акт, инструмент на револуционерната функција на Македонското востание, кое ги рушело институциите и принципите на стариот поредок, создавајќи нов.“ На тој начин, Правилата „промовирале широк спектар на права и слободи, трасирајќи ја идејата на политичка рамноправност проектирале демократска политичка организација, држава која ја претставувала модерната политичка концепција на рамноправноста, без оглед на националната и вер-ската припадност, како и без оглед на социјалниот и културниот (образовниот) статус.“ Д-р Владо Поповски го диференцира и значењето на Уставот на Македонскиот востанички комитет како нормативно-правен акт кој е „прв таков акт во македонското ослободително движење кој систематски ги нормирал основните цели на борбата на македонскиот народ и основните начела на македонската држава во формирање.“ Освен тоа, Правилата на македонските востаници се и „изјаснет исказ на внатрешниот македонски карактер на востанието и на неговите ослободителни и конститутивни процеси. Тој со своите решенија ги прецизирал целите на македонската борба, односот кон балканските држави и движења и кон нивните пропагандни центри, како и односот кон дотогаш владејачкиот турски народ во Македонија.“ Во таа насока се движи и размислувањето на д-р Светомир Шкариќ кој пишува дека со „Правилата на Македонскиот востанички комитет од 1878 година, се создава развиен систем на институции и односи низ кои јасно се манифестира националниот идентитет на македонскиот народ и неговиот стремеж за создавање своја држава.“

Извор: Македонско братство

No comments: