February 19, 2015

Александар (Алексо) Мартулков

Александар (Алексо) Мартулков (псевд. Бизмарк) (Велес, 23. X. 1878 – Софија, 1965) е македонски револуционер и публицист. Како член на Македонската социјалистичка група, а подоцна и на ВМРО (Об.) тој се залагал за ослободување на Македонија. Алексо бил член  на Президиумот на АСНОМ и во Собранието на Македонија.


Алексо Мартулков е роден на 23 октомври 1878 година во Велес. Се школувал во Велес и во Педагошкото училиште во Скопје, од каде што бил исклучен како бунтовник против османлиската власт. Во 1895 година станал член на првата социјалистичка група во Македонија. По доаѓањето во Софија, станал член на Македонската социјалдемократска група што ги ширела социјалистичките идеи меѓу македонската емиграција и во Македонија.

Работел заедно со Димо Хаџи Димов, Иван Клинчаров и Васил Главинов. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема економска слобода, тие тесно соработуваат со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција во јули 1900 година во близина на Крушево дел од социјалистите се вклучуваат во редовите на МРО.

Алексо учествувал во борбите на Македонската револуционерна организација против туѓите пропаганди во Македонија и бил еден од организаторите на велешкото Културно-просветно друштво „Класно сознание“.

Во 1909 година учествувал во задушувањето на контрареволуцијата во Цариград, а истата година зема учество во Комитетот за јавна безбедност во Велес, кој раководи со воените и граѓански власти во регионот.

По избувнувањето на Првата балканска војна и окупацијата на Македонија, во декември 1912 година, Алексо Мартулков учествува на Општомакедонската конференција во Велес, организирана од Димитар Чуповски. Присутните македонски дејци меѓу кои Димитар Чуповски, Алексо Мартулков, Ангел Коробар, Ризо Ризов, Петар Поп Арсов, Јован Попјорданов и други, решаваат да испратат делегација на Лондонската конференција, како и во Париз за да се борат за зачувување на интегритетот на Македонија.

По Првата Светска Војна, Алексо Мартулков се вратил во Бугарија. Во периодот 1924 – 1927 работи во македонските братства и станал член на ВМРО (Об). Поради прогресивната македонска активност, во 1931 година добил закана дека ќе биде ликвидиран. Од 1932 година Александар (Алексо) Мартулков станува уредник на весникот „Македонско знаме“, а наредната година (24 јануари 1933) бил ранет во ногата. Алексо го преживеал најавениот атентат, но поради дејството од позиција на македонска нација бил осудуван и затворан во концентрациони логори.

Во 1933 година Алексо Мартулков бил обвинет за поттикнување непријателство и омраза спрема одредени класи и власта, но благодарение на добрата одбрана на адвокатот бил ослободен. Но, во летото 1935 година повторно е уапсен од бугарските власти, заедно со други дејци на ВМРО (Об.) и осуден со парична казна и 5 години затвор.

По 9 септември 1944 година, Мартулков во Софија потпишува „Апел до Македонците во Бугарија“ и се залага за создавање на Народна Република Македонија. На 27 септември 1944 година во Бугарија пристига македонска делегација (Михајло Апостолски, Лазар Колишевски и Светозар Вукманович – Темпо) која разговарала за враќање на македонската емиграција во татковината, како и за евентуално присоединување на Пиринска Македонија кон земјата.

Македонската делегација разговарала со Александар (Алексо) Мартулков, Туше Делииванов, Крсте Гермов, Петар Трајков и други интелектуалци од македонската емиграција во Бугарија. Во октомври 1944 година биле повикани македонските интелектуалци за евентуалното учество во идното управување со земјата.

Алексо Мартулков и Крсте Гермов на 1 јануари 1945 година биле избрани за членови на Президиумот на АСНОМ и во Собранието на Македонија. Меѓутоа, набргу како неподобен бил сменет од функцијата и пензиониран. За своите заслуги во македонската револуционерна борба Алексо бил одликуван со Орден за народни заслуги и со Илинденска споменица. Живеел во Скопје каде ги пишува своите мемоари до 1953 година, а подоцна разочаран заминува во Софија каде умира во 1965 година.

No comments: