February 17, 2015

Подготовки за Илинденското востание

Историјата на Тајната македонско-одринска револуционерна организација е проследена со постојани внатрешни борби меѓу претставниците на пробугарскиот Врховен комитет и македонската струја на ТМОРО. Хетерогеноста на Организацијата придонесе по редица прашања да се појавуваат несогласувања, а доведе и до диференцирање на две крила - лево и десно. "Левицата со Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Јане Сандански и други, цврсто стоеше на позициите за независност и самостојност на македонското национално ослободително движење, за полна политичка автономија на Македонија. Десницата со Христо Матов и други ... се наоѓаше под влијание на врховизмот, односно на големобугарските официјални фактори, но, се уште, се држеше прикриено." Д-р Манол Пандевски како раководители на десното крило ги означува, покрај Христо Матов и Иван Гарванов , Христо Татарчев, Анастас Лозанчев, Иван Хаџи Николов, одбележувајќи дека "кон нив, по 1901 година, клонел и Даме Груев." Врховистичкото крило во ТМОРО го зголемило своето влијание кога "еден од врховистичките експоненти и агент на бугарската влада, Иван Гарванов, успеал да се вовлече во составот на ЦК и привремено да ја заземе должноста претседател." Гарванов го "узурпирал ЦК на ТМОРО во јануари 1901, кога по една провала, бил затворен од полицијата целиот дотогашен состав на Централниот комитет, што го сочинувале Христо Матов, д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и Пере Тошев. Во резултат на паниката што при апсењето го зафатила, Иван Хаџи Николов му го предал ЦК на Гарванов."

Несогласувањата во Организацијата се еден од битните моменти во историјата на ТМОРО, со оглед на тоа дека "познатите судири во нејзините редови, кои во годините по Илинден сосема јасно се искристализирале и кои ќе ја следат се до нејзиното пропаѓање, ги влечат своите корени од непосредниот предилинденски период" Во почетокот на XX-тиот век, едно од главните прашања, околу кои биле спротивставени левото и десното крило на ТМОРО, секако, е прашањето за подигање востание во Македонија, односно, прашањето за терминот на востанието, за кој врховистите инсистирале да биде што побрзо, а Гоце Делчев, ЃорчеПетров, ПереТошев, како и, воопшто, претставниците на левото крило на Организацијата, се залагале востанието да биде подигнато во моментот кога ќе се создадат услови за сенародно востание, услови кои во 1903 година не постоеле.

Иницијативата за кревање востание потекнува од Иван Гарванов, чие "влегување во Организацијата и застанување на чело на нејзиното највисоко раководно тело претставуваше фатален момент во развитокот на Организацијата и, воопшто, во развитокот на македонското националноослободително движење." Фаталноста се огледа, пред се, во неговата целосна предаденост на бугарскиот Двор и во неговите активности и залагања востанието да се дигне што побрзо. Работејќи во таа насока, Гарванов почнал "уште во есента 1902 година да подготвува терен, односно, да консултира одделни работници на Организацијата, а и надвор од неа, за потребите и можностите за востание во Македонија во пролетта или летото 1903 година. Во текот на овие разговори беа консултирани лица за кои Гарванов беше однапред убеден дека ќе се согласат со него." Работата на Гарванов му ја олеснуваше и отсуството на Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои во овој период беа задгранични претставници на ТМОРО во Бугарија. Благодарејќи на напорите на Гарванов и десното крило на Организацијата, на 2, 3 и 4 (15, 16 и 17 според новиот календар) јануари 1903 година во Солун беше одржан конгрес на ТМОРО на кој беше донесена одлука за кревање востание. На Конгресот учествувале Иван Гарванов, Спас Мартинов, Димитар Мирчев, Лазар Димитров, Тодор Пејков, Иван Сапунаров, Велко Думев, Никола Петров, Христо Влахов, Никола Хрлев, Димитар Занешев, Анастас Лозанчев, Димитар Ганчев, Иван Ингилизов, Георги Варналиев, Тодор Лазаров и Христо Поп Коцев. Како што се гледа, Гарванов успеал на Конгресот да не присуствуваат Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои, несомнено, со својот авторитет би придонеле Солунскиот конгрес да не ја донесе одлуката за кревање предвремено востание.

Учесниците на Конгресот не ги "претставувале рамномерно сите окрузи на Револуционерната организација. На тој начин, Конгресот не бил комплетен и, според тоа, во ваков состав не можел да донесува крупни решенија, без согласност на сите револуционерни комитети." Што се однесува до застапеноста на сите краишта на Македонија на Солунскиот конгрес, "веднаш паѓа во очи дека во записникот се говори само за претставници на реони и во случаите кога пред себе имаме цели окрузи. Од друга страна, три окрузи имале само по еден делегат (Битола, Одрин, Серес), а од другите три - по неколкумина (Солун - четири и тоа без тројцата членови на ЦК, Скопје - два, Струмица - два). " На тој начин, "излегува дека присутните делегати застапувале одвај една третина од реоните на ТМОРО."

И на Солунскиот конгрес се одразиле несогласувањата околу подигањето на востанието. Противниците на востание што би се дигнало во 1903 година сметале дека "револуционерните окрузи не се доволно подготвени со оружје и со раководни бојни кадри и дека моментот уште не е погоден. За подигање востание најмногу инсистирал Иван Гарванов, кој, меѓу другото, говорел дека во случај на востание можело со сигурност да се смета на помош од Бугарија." Гарванов успеал да ги убеди повеќето делегати, со што одлуката за востание била донесена. Што се однесува до карактерот на востанието, "се прифатил предлогот тоа да биде ‘општостратешко’."

Како што веќе рековме, левото, македонско крило на ТМОРО наполно не се согласувало со одлуката востанието во Македонија да се подигне во 1903 година. Така, на пример, Јане Сандански вели дека по веста за одлуката на Солунскиот конгрес, "мене како ровја да ме удри. Паднав сосема отепан и не можев да одам." Сандански, впрочем како и Делчев и Петров, смета дека "востание може да се прави само ако сите се подготвени и без да се надеваме на надворешни ветувања."

По Солунскиот конгрес, Христо Матов и Христо Татарчев, чија активност била во рамките на проврховистичката ориентација на Гарванов, во Софија свикале советување на кое учествувале главните и најавторитетните идеолози и раководители на ТМОРО. Целта на советувањето била да се убедат овие македонски револуционери во неопходноста да се крене востание, бидејќи Гарванов и неговите соработници биле свесни за значењето на нивната поддршка. Советувањето било одржано во јануари 1903 година и на него учествувале, меѓу другите, и Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Христо Матов, Христо Татарчев и Иван Хаџи Николов. И на ова советување се диференирале две групи - врховистичката и македонската. Во првата спаѓале Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и уште неколкумина, а втората ја предводеле Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Пере Тошев немал диферениран став за востанието, образложувајќи го тоа со неговото неодамнешно враќање од затвор и непознавањето на состојбите.

Христо Матов своето залагање за востание го образложил вака: "Непосредната и главната цел на востаничките дејства (тој го изоставил терминот востание) би била да се посегне што посилно врз интересите на блиски и далечни држави, што би предизвикало ефикасно надворешно мешање, кое би довело до автономија на Македонија". Во редот на блиските држави на кои Х. Матов им признавал интереси во Македонија, требало на прво место да се вброи Бугарија. ‘Целта на нашите дејства не беше пишува тој, ние да станеме господари на ситуацијата, туку турската власт да не биде господар на положбата во земјата.’ Тој го отфрлил масовното во смисла на масовно дејствување со оружје. Според него, борбата требало да се води како герила и само од опитни и калени поединци, што би значело чисто четништво. И за мнозинството учесници на Солунскиот конгрес профилот на востанието изгледал слично. Неговата главна задача била да го привлече вниманието на надворешниот фактор и да доведе до надворешна интервенција.

Став сосема спротивен од врховистичкиот имале Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Тие сметале дека востанието не смее да се дигне во 1903, кога се уште не биле стекнати сите услови. Така, на пример, Ѓорче Петров подвлекувал дека "ако го прогласиме ова востание, ќе ја подбиеме идејата за сенародно востание за долго време, зашто ќе се кренат само неколку околии. Уверував,продолжува тој во своите сеќавања, дека е сега невозможно сенародно востание, зашто уште нема подготовки, ниту нужни материјали. За одоваде вардарскиот дел им претскажував дека ние ќе работиме против сами себеси, зашто ќе ја повториме 1895 година - востание само со чети од Бугарија, што ќе биде против основните задачи на Организацијата...". Ѓорче Петров ни го оставил и ставот на Гоце Делчев околу востанието: "Делчев се обиде да ги урне мислењата, тој немаше дар за зборување, се искажа дека е категоричен противник на востание какво што проектираа, а е за востание какво што бевме планирале јас и тој. Делчев се запали, се испоти, се расфучи." А Гоце Делчев имал и зошто да се расфучи - Петров ни го оставил профилот на материјално- техничката подготвеност на луѓето на Организацијата во Македонија: "За штогоде подготвени можат да се сметаат само седум околии: Костурската, Леринската, Битолската, Демирхисарската, Кичевската, во Солунско само Кукушката, и тоа доста слабо; во Струмичко само Струмичката околија, и тоа со незгодни пушки кримки, и во Скопско само Штипската околија, со кримки и со мартинки..." Наместо вакво, неподготвено востание, Ѓорче Петров предлагал "перманентно востание": "Ние препорачуваме да се измени тактиката на дејствата на четите и на диверзантските елементи по градовите, да се почне активно дејствување кое да се доближи до востание. Јас настојував да им ги разврземе рацете на четите и на градските раководители за поединечни акции во целата земја, кои подоцна би прераснале во вистинско востание." Гоце Делчев бил близок до идејата на Ѓорче Петров. Тој вооружените активности ги гледал како "напади од страна на четите против аскерски единици и атентати од страна на решителни момчиња по железничките линии, а исто така и против државните установи."

Излагањата на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, со својата аргументација, не оставиле многу простор - заклучокот на советувањето бил: против избрзано востание! "Како резултат на сето тоа, апсолутното мнозинство реши да им се соопшти во Солун, од името на сите присутни, дека сме против земеното решение за востание," пишува Горче Петров во своите сеќавања. - "Борис (Сарафов) и Славчо (Ковачев) навидум се согласија (гласаа против). Останаа само Матов, Татарчев, Хаџи Николов и уште еден-двајца, кои гласаа за востание. Бевме натоварени јас и Матов да го пишуваме писмото. Јас побарав тој и јас да го составиме одделно проектот за одговор. На собранието мојата редакција, поотворена и порешителна, се прими и се испрати во Солун како мислење на овдешните претставници на Организацијата. За забележување е дека најмногу беа за востание оние околии, кои подоцна не зедоа учество во востанието."

Противењето да се крене неподготвено востание на видните дејци на Организацијата се обидел да го анулира Гарванов, кој со Думев дошол во Софија кон средината на јануари. Двајцата во Бугарија "одржувале средби и, скришно од Ѓорче Петров, се договарале само со двајца задгранични претставници и со Сарафов. Петров одбил да се состане со емисарите од Солун, зашто тие криеле од него што прават и зошто се дојдени, а Пере Тошев ги оставил без определен одговор. Во тие денови, Гоце Делчев не бил во Софија, тој ја минал границата и на 12 (25) јануари веќе бил во Разлошката Котлина. Мисијата на двајцата емисари успеала. Христо Матов и Христо Татарчев испратиле ново писмо во Солун, во кое известувале дека, наводно, луѓето на Организацијата во Софија, со исклучок на поединци, се согласни со одлуката на јануарскиот конгрес." Во писмото, се разбира, не стоело дека тие "поединци" се главните дејци на ТМОРО - Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Така, "одлуката за востание била дело, во прв ред, на Иван Гарванов, Анастас Лозанчев, Христо Матов и Христо Татарчев, кои ја имале согласноста на Даме Груев. Нејзиното спроведување ќе биде дело на далеку поширок круг раководители и активисти."

Извор: Македонско братство

No comments: